ЕГОЦЕНТРИЧНИОТ ДИЗАЈН-ПЛОДНА ПОЧВА ЗА НЕПРИЈАТЕЛСКИ ЖИВОТНИ ПРОСТОРИ

Животни простори или места во кои општиме, се социјализираме, егзистистираме и се дефинираме себе си. Единица мерка за перцепција на се она што не опкружува, независно од неговата природа, материјалност и местоположба. Збир од координати и точно утврдени соодноси заробени во временски интервал, помеѓу кои почиваат идентитетот, и развојот на една единка, и конечно каде се диктира основата на една средина, независно од тоа дали станува збор за природна или изградена.  

      Но, што навистина значи квалитетен животен простор? Дилема на која човештвото бара одговори од самиот негов зачеток. Уште од моментот кога тоа значеше, само засолниште од временски непогоди, заштита од опасности и симбол за меѓусебна интеракција. И по толку време, во потрага по идеално парче место кое ќе одговори на се поголемите потреби на корисникот од оние претходно споментатите, поаѓајки од его-субјективни, општествено утврдени норми, талкајќи по различноста, на изглед како да станавме заробеници на трендови и фетишизирани идеи.  

Сл. 1 Кадри од Скопје (превземена содржина)

      Се чини дека, дизајнот се повеќе ја напушта неговата примарна функција и наместо да дефинира, тој окупира. Па од тука се поставува прашањето дали Скопје прерасна во метропола на егоцентризмот и во која мера стана единствениот критериум кој и се заканува на и онака девалвираната градска форма? Немањето стратегија за животниот простор, неапликативноста и несинхронизираноста на законските регулативи, недостатокот на едукацијата кај чинителите во процесот на градоградењето и егоцентризмот се повеќе доведуваат до мултипликација на просторни решенија, каде изостанува интеграцијата, социлизацијата, размерноста и конечно достоинството во урбаното живеење.

      Градот како феномен е неможно да се разгледува надвор од рамките на карактеристиките на неговите корисници. Затоа во современото живеење се повеќе се наметнува нужноста од дефинирање на егоцентризмот како појава која ја одликува неспособноста на индивидуата да го гледа светот од гледна точка на друга личност, туку само од својата, која е апсолутна. Се карактеризира со зголемена окупација со себеси и прекумерен однос кон сопствената важност и незаменливост. Оваа општествена дијагноза која се провлекува низ сите сегменти од живеењето, го разори идентитетот, градската унифицираност и типологија преку вреднување на приватниот интерес над јавниот, на онашто е индивидуата пред заедницата.

      За што Лијанаж (проф. од Универзитетот Моратуа од Шри Ланка) ќе каже: „Чувствувам дека повеќето од архитектонските дизајни се чини дека се повеќе егзистираат за задоволување и поттикнување на егото. Овој систем кој јас го нарекувам егоцентричен е ист со многу други полиња за дизајн, не само со архитектурата. Архитектите во денешно време имаат тенденција да развијат сопствен идентитет преку нивните креации наместо да се обидуваат да изградат слика за корисникот преку дизајнот. Да бидам искрен, ако некој може да ми посочи некое архитектонско дело што сум го направил и да го идентификува како едно од моите дела, верувам дека мојата работа е неуспешна. Она што треба да се случи овде е да се создаде дизајн кој ќе потсетува на идентитетот на неговите корисници, наместо на неговиот креатор бидејќи ќе одигра значајна улога во моделирање на нивниот карактер, продуктивноста, однесувањето и перцепцијата воопшто. ’’

импактот кој одредена урбана формација го создава, потребно е да ги има во предвид социјалниот, економскиот и пред се еколошкиот аспект, без да допринесува кон зголемување на урбаниот стрес.

      Бидејќи сепак влогот за импонирање со дизајнот е голем, дали формулата за успех ќе се содржи во трендот на себенаметнување, заменарувајќи ги комфорот, безбедноста и принципите на хуманото живеење, исклучиво ќе зависи од колективната градска меморија. Валидирањето на одреден архитектонски израз не е веќе прашање на дизајн или потреба за професионална потврда, туку е директно зависен од препознавањето на неговите квалитативни вредности или легализирање на неговиот квантитативен статус, нешто што ние како општество во декаденција, најдобро го знаеме. 

       Далеку од фактот дека треба да се оди кон унифицирање на начелата за дизајн и дека градоградењето треба да се сведе на однапред утврдена социјална формула која ќе значи разнишување на хомеостазата во градското ткиво, преку создавање единствено суб-урбани креации без визуелни градски поенти како ориентири (симболи на егоцентричноста). Напротив, импактот кој одредена урбана формација го создава, потребно е да ги има во предвид социјалниот, економскиот и пред се еколошкиот аспект без да допринесува кон зголемување на урбаниот стрес при негово имплементирање и користење.

 

         Eгоцентричните дизајни, низ различни архитектонски стилови под плаштот на  трендот во општеството се провлекуваат без оглед на нивната валидност или применливост во различни просторни контексти, па следствено на тоа приватниот интерес добива глорифицирани метастазирани облици (како Скопје 2014, линиски центар, итн). 

          Токму на таа тема Џонатан Паркер, во филмот за “Архитектот”, на сатиричен начин преку ликот на грандиозниот Мајл Мос успева да ја долови приказната за егоцентричноста и себеориентираноста на еден архитект. Воден од желбата да го испроектира домот од соништата, ја разголува дуалноста во неговиот карактер. До кој степен да се потчини на желбите на нарачателот или сепак да го наметне својот личен печат.  

Сл. 2 Сцена од филмот "Архитект на Џонатан Паркер" (превземена содржина)

       Дотолку можеби не ја претпочита генерализираноста, но дефинитивно продира во сржта на една професија , која одамна ја занемари својата првобитност и суштина, да оплеменува, да создава простори од неместа,  за да се избори за почитта на заедницата, наместо да робува на политички системи и да се потчинува на мегаломанско силување на градската слоевитост од поединци, на која сме континуирано сведоци. 

       Грабнувајќи ја секоја педа, жедни за квадрат, два , пет, интровертно вртејќи се во фино дизајнираниот целофан на ретко вкусните наполитанки, се изгуби човечноста, светлината, приватноста. Бледее сликата за заедницата, градот и светот воопшто. За тоа дека, сами одбираме дали ќе сме негови жртви или конечно ќе превземеме одговорност ова општество и овој град ќе прерасне во репер за достоен животен стандард, благосостојба и визија за она што не опкружува, зависи од нас просторо-уживателите.

 

founder & content creator

Leave a Reply

Your email address will not be published.