Како градовите влијаат на работата на нашиот мозок и менталното здравје?

Град. Најсовршено безвременски наслојувана човекова креација или ентрописки експеримент кој во неможност да ја одржи сопствената хомеостаза го уништува креаторот? Во време кога на светот му се случува континуирана масовна урбанизација, редно е да се постави прашањето дали градската форма ќе го издржи притисокот кој и се наметнува или ќе ја жртвува сопствената сликовитост и идентитет, во трката да ја задоволи побарувачката иницирана од индустријализацијата и нерамномерниот економски развој.  

 

Неизвесна е неговата иднина, ако се земе во предвид декаденцијата на неговиот создавач, човекот. Биолошки организам, кој за да ја оправда брилијантноста на сопствената природа, ги видоизменува и експлоатира природните ресурси, со кои всушност треба да одржува баланс. Можеби вината за ваквата состојба  лежи и во парадигмата за градот како тип на отворен систем, чија способност е да тежнее кон својата најнеорганизирана форма (хаосот). Па од тука, ваквиот дисекилибриум, ќе се рефлектира и на макро ниво врз неговата генеза, форма и типологија идентично на ентитет кој страда од автоимуна болест, најчесто преку мултипликација на простори кои предизвикуваат немир, незадоволство, несигурност, летаргичност, и несомнено влијаат во голема мера врз физичкото и менталното здравје на корисниците.  

урбани секвенци

влијанија на средината врз индивидуата

Постојат неколку одлучувачки фактори кои го детермирираат степенот на влијанието на средината врз индивидуата и тоа:

Естетиката: преполните простори можат да создадат чувство на преоптоварување и вознемиреност, додека уредените предизвикуваат чувство на смиреност. Присуството на одредени предмети и нивните соодноси се значајни за подобрување на расположението.

Сензитивноста: „Осветлувањето, температурата, звуците, мирисите и палетата на бои на околината се многу важни за тоа колку простороуживателот ќе се чувствува  удобно, опуштено и безбедно“.  На пример, несоодветното осветлување и гласните звуци може да доведат до анксиозност или возбуда, додека темните и студените простори до чувство на немотивираност – особено во зима, што несомнено влијае на квалитетот на живот и ефикасноста во работата.

Непосредната заедница: Индиректната или неконзистентна комуникација, конфликтите или несоодветните луѓе во околината може да бидат исклучителен извор на стрес, па затоа споделувањето на простор со некој на кој му верувате, партнер, пријател, итн., продуцира чувство на комфор.

Култура и вредности: важна е социјализацијата и интеграцијата на луѓето кои делат иста култура и вредности на единица простор, во спротивно, се продуцираат чувства на изолација и депресија.

• Близината: непосредноста на негативните асоцијации во околината, како што се неорганизираноста и некомпатибилноста може да бидат поттик за анксиозност и носталгија. Сепак, позитивните асоцијации во околината (семејни спомени, фотографии или познати предмети) значително го зголемуваат чувството за поврзаност и припадност.

Негативните аспекти на урбанизацијата

Отсуството на горенаведените аспекти само ја потврдува непобиената стигматизација дека урбаниот живот во голема мера вклучува изложеност на урбани стресори, со кои колку и индивидуата да е во динамична хоемостаза (осврнувајќи се на способноста да се приспособува), не е во можност соодветно да ги восприеми дразбите и да одговори на нив.

Пренаселената и загадена средина, високите нивоа на насилство, намалената социјална поддршка претставуаат само дел од низата недостатоци кои урбанизацијата ги носи со себе покрај длабоките промени во општествената организација и во моделот на семејниот живот. 

USING THE PROJECT TO CREATE A NEW FACE AND DIRECTION

Се јавува и како главен причинител за појава на ментални нарушувања особено кај маргинализираните групи граѓани како резултат на непропорционалноста помеѓу растот на населението и густина на градските ткива со инфраструктурата. Недостатокот на соодветна инфраструктура го зголемува ризикот од сиромаштија и изложеност на еколошки непогоди, па следствено ја акцентира и нивната ранливост кон серија на нарушувања и девијации како и предиспозиции за кардиоваскулаарни заболувања, рак, тешки ментални нарушувања, криминал, и отуѓување.

Едно од истражувањата на Чикашката школа за Хумана екологија, во 1939 година на Фарис РЕ. Данхам, се осврнува токму на присутноста на ментални нарушувања кај луѓето кои живеат во центарот на урбаните ткива, и степенот на малолетничка деликвенција каде од 100.000 испитаници дури половината покажале предиспозиции за развој на шизофренија, или друг вид на психоза најчесто поради секојдневна изложеност на урбани стресори и поради низок степен на конгруенција на градовите.

ТЕНДЕНЦИЈА НА СОВРЕМЕНОТО ПЛАНИРАЊЕ

Идните политики и стратегии за градообразба потребно е да се стремат кон подобрување на урбаното ментално здравје и соодветно да ја намалат прекумерната социјална стимулација преку идентификација на проблемот и решенијата како истите да се трансформираат.  Тие во себе ги вклучуваат начелата на достапност, независна мобилност, креирање социјални и безбедни места, стимулирање на физичка активност, намалување на загадувањето и создавање зелени простори.

И ако поаѓаме од обраќањето на Винстон Черчил во 1960тите години по војната, „ние им даваме облик на нашите згради а тие, пак, нè обликуваат нас, осврнувајќи се на потребата за оптимизирање во планирањето, и синергија со општествените науки, како единствен пристап во градоградењето. Нужно се наметнува потребата од воспоставување на поимот негативна ентропија, која има за цел ваквите системи да ги одржи во рамнотежа со околината, и конечно да станат симбол за проактивност и благосостојба на сите инволворани чинители.

Токму водејќи се од хуманистичката идеја за човекот како центар, можеби многу погрешна е перцепцијата дека се потребни “Градови за луѓе”, можеби главното прашање е колку луѓето со своето делување ја заслужуваат деликатноста на градската структура.

founder & content creator

Leave a Reply

Your email address will not be published.