ПРЕСЕЛБАТА НА ИНДУСТРИЈАТА ОД ЦЕНТРИТЕ ВО НЕКОЈ ПОВЕТУВАЧКИ ЈУГ НА ЗАБОРАВОТ

Индустријализацијата од историска гледна точка, можеби е еден од главните двигатели за развој на градските ткива. Моќна формативна алатка која води до засилена урбанизација преку создавање на економски раст и можности за работа што ќе значи менување на демографската структура во градовите. Но, со оглед на трендот на мигрирање се поставува прашањето во која мера, следењето на индустриската парадигма за машински град ќе претставува симбол за неговиот развој и идентитет, а до која закана по здравјето на неговите корисници.

Во време кога трошоците за производство не се надоместуваат директно од производителот, имаат тенденција да се екстернализираат на товар на членовите на општеството, особено врз маргинализираните категории, кои го сносат најголемиот дел од јавните трошоци предизвикани од нуспроизводот во индустријата (загаден воздух, вода и почва). Ваквите деструктивни практики ја наметнуваат потребата од реформација во зонирањето и преиспитување на иницијалните постулати во урбаната концепција се со цел, елиминирање на социјалните феномени кои настануваат како резултат на економскиот фактор врз детерминирање на градската форма, еколошкиот расизам и општествената неправда.

Interior designer in studio
Latest issue, shop now

За таа цел, доколку се воочи диспозицијата на индустријата во Скопје, низ планската документација хронолошки  низ годините, завзема значајна улога во градењето на новата слика за градот. Во матрица на суперпонирања составена од станбена зона и зелена зона, индустриската зона со планот на Лудјек Кубеш 1948 година се дели на две главни зони:

1.     градски сервиси долж течението на реката Вардар и

2.     сегмент на тешка индустрија кон источната траса на желеницата.

 

При изработката на Основниот урбанистички план од 1965год. во планирањето на индустријата се применуваат наизменично два методи:

1.     Mетодот за функционално сврзување на индустријата со постројки кои даваат суровини потребни за нејзините процеси (важен за распространувањето на индустријата во јужните делови од градот).

2.     Mетод на пропорционалната распределба на индустријата во однос на станбените реони, како и намалувањето на оптоварувањето на јавниот сообраќај.

 


Поради недостатокот од инфраструктурен развој особено во доменот на железничкиот сообраќај во западните делови од градот со домувањето, егзистира само лесна и незагадувачка индустрија. Делот од индустријата во источните делови од градот своевремено ќе го диктира развојот на станбените зони. Поради тоа ќе се јави потребата од планирањето нови станбени населби, налик на Железара и Аеродром, кои ќе претставуваат нов извор на работна сила.

Согласно Основен план на град Скопје – измена и дополнување (1985 год) за позиционирање на индустријата се констатира следново:

“Индустриските капацитети се лоцирани во три основни зони и тоа: југоисточна зона-десно од реката Вардар, североисточна зона-лево од реката Вардар и западна зона – помеѓу Скопје и населбата Ѓорче Петров. Досегашното територјално разместување на индустриските капацитети е неадекватно, поради тоа што се во судир со развојот на градот и рационалното функционирање на животот на наслението туку и поради ефикасното зачувување на човековата средина од загадување и бучава.”

Затоа со новиот ОУП 1985-2002 година предвидени се шест индустриски зони, додека пак според планот, помал дел од капацитетите таканаречената чиста индустрија и понатаму ќе се задржи во градските простори  со тенденција за нивно дислоцирање (фабриката Алумина, Охис, и металуршкиот комбинат Железара). Другите три зони кои се предвидуваат со овој план се наоѓаат во просторот меѓу селата Долно и Горно Коњари по текот на реката Пчиња (две помеѓу Скопје, Куманово и Велес, а третата меѓу селата Драчево и Зелениково). Вкупната површина наменета за индустрија до 2001год. би изнесувала 1995ха. или 1,1% од вкупната територија на градот Скопје.

Направените дислокации со ОУП на град Скопје од 1985 година придонесуваат за намалување на површината на индустриските зони на 1200ха до 2001год., но вкупната индустриска површина на градот и натаму изнесува 2000ха т.е. 1,1% од планскиот опфат на градот Скопје. Од аспект на индустријата зголемена е површината од 520 ха. до 960 ха. во периодот од 1965 до 1979год. наменета за индустриско производство. Додека тенденцијата на претходната планска документација била решавање на индустријата во рамките на градот, во три зони, со принципот на дисперзија се лоцираат шест основни зони. Во рамките на потесното градско подрачје и понатаму ќе се задржат единствено капацитетите од чистата индустрија. 

Плански одредби во ГУП (2012-2022)

 

Плански одредби во ГУП (2012-2022)

          1.    Согласно актуелниот ГУП на град Скопје 2012-2022 точка 4.3.7.4 „Плански определби за одржив развој на индустријата во градот“ стои: „Со стручна алнализа на експертски тим со мултидисциплинарен состав, Градот Скопје и општините треба да ја разгледаат
можноста за дислоцирање на загадувачките капацитети надвор од урбаниот простор на Град Скопје
“.

2.     Согласно точка 3.7.1.4 од ГУП на град Скопје 2012-2022 што се однесува на заштитата на животната средина стои :  Заштита
на животната средина во симбиоза со развојот и разместувањето на производните капацитети подразбира остварување на посебни цели:

 

        дислоцирање на загадувачките капацитети;

        намалување или целосно елиминирање на негативните output-и врз урбаниот простор на Градот;

       рециклажа на отпадот;

–    мониторинг на штетните емисии

USING THE PROJECT TO CREATE A NEW FACE AND DIRECTION

Негативните ефекти на актуелниот ГУП и новиот закон за урбанистичко планирање

·       Вклучување на бесправно изградените индустриски објекти и нивно инкорпорирање во ГУПот доведува до органско метастазирање на намената низ градските четврти.

·       Регулирање  на просторот без планска историја вон ГУП со урбанистичките проекти вон опфат за кои претходно се уредуваше со  УПВНМ (урбанистички план вон населено место) и ЛУПД (локално урбанистичка планска документација), доведува до сецирање и губење на просторниот концепт и урбаната логика на просторот. Ваквите текови водат кон мултипликација на Г намената како и останатите во тактилните зони на ГУПот што го оневозможува планското ширење детериоризирајќи го земјоделското земјиште, без притоа да обезбеди соодветна и адекватна инфраструктура ( нови траси на железнички, автомобилски и велосипедски сообраќај). Ваквото префрлување на топката на локално ниво од страна на надлежните првостепени институции, без притоа да се обезбеди соодветен механизам и рестриктивна законска регулатива за да се обврзат истите со изработка на студија за оправданост на истоимените намени и ширење на индустријата надвор од постоечките капацитети, само доведува до неконтролиран раст, намалување на квалитетот на земјиштето, сквернавење на неговиот потенцијал и отежнување при имплементација на идни пошироки зафати при урбана обнова на Скопје. При што некогашните “спални соби на градот” (Маџари, Ченто, Бутел, Влае, Пржино), сега самоиницијативно ќе се чуварите на неговиот привиден обод како единствени одговорни за дисперзивното бледнеење на една идеа (Атинската повелба – ЦИАМ) за функционална градска матрица.

·       Немање на соодветна визија и стратегија која ги следи модерните текови во планирањето, и инкорпорирање на различните секвенционални урбани изрази. (немање однос кон органски настанатите урбани ткива, урбанизмот од 80тите распостелен во широки потези и овој денешниот кој во најмала рака претставува само утврдување на постојната состојба и слепа експанзија без ревидирање на начините како да се одржи градот во постоечките граници без да се намали вредноста на постоечкиот изграден фонд)

Промената на политичкиот систем и суштинското детериоризирање на јавниот интерес, кој навидум го застапува ГУПот. Процесите на приватизација и денационализација кои доведоа до масовен трансфер на имотите и реевалуација на сопственоста со што приватниот интерес го завзема приматот односно директно го нападна јавниот интерес.

Со феноменот на експанзијата на домувањето како доминантна намена и пропорционалниот раст на индустријата, ќе се јави диспропорција во изложеноста на негативни влијанија, па така наеднаш населбите кои биле градени наменски да ја опслужуваат индустријата, со зголемување на густината на градската форма,  од ден на ден прераснуваат во жаришта на енвироментална неправда, органски сраснувајќи со индустријата. (налик на Долина на ракот во Мисисипи, еквивалент на нашата Железара)

Согласно податоците од Извештајот за здравје на населението од 2019 година, доколку се земат во превид спроведените истражувања за ефектите од изложеноста на тешки метали, и последиците од истата,  најчеста причина за смрт од малигни неоплазми, кај мажите во Македонија во периодот 2010-2019 година, е малигната неоплазма на бронх и бел дроб со стапка на морталитет која се движи од 64,8 во 2010 година до 66,9 во 2014 година и 65,7 на 100000 мажи во 2019 година.


Во текот на 2019 година ЈЗУ Институтот за јавно здравје ќе изврши мерења на железо и манган, како и останатите тешки метали (олово, кадмиум, бакар, цинк, кобалт, никел и хром) во нас. Железара, нас. Г.Лисиче и нас. Ѓорче Петров, при што ќе констатира дека во населбата Горно Лисиче (зона на домување) се регистрирани најниски концентрации на тешки метали во аероседиментот, додека највисоки во нас. Ѓорче Петров и нас. Железара.

Иронијата да биде поголема, новите станбени објекти кои произлегуваат како резултат на хронолошка реализација на ГУПовите околу
индустриските зони и актуелните практики на селективно зонирање, се презентираат како ексклузивни простори за живеење без притоа да се земат во предвид горенаведените реперкусии по здравјето на луѓето.

Насоки кон новиот ГУП (2022-2032)

Следствено, а во пресрет на изработката на новиот Генерален урбанистички план, неопходно е да се вградат итни мерки кои ќе допринесат за ублажување на ефектите од негативните урбани практики од минатото и тоа:

·       Сукцесивна инвентаризација на индустријата

·       Преиспитување на досегашните текови на ширење на индустриските капацитети во и вон ГУП

·       Концентрирање на зони надвор од јадрото на ГУП, каде ќе бидат строго утврдени параметри при реализација на истите

·    Изземење на Г намената од законот за постапување со бесправни објекти и неможност за издавање на урбанистичка согласност за нивно задолжително инкорпорирање во границите на ГУП, доколку основната планирана намена по ДУП е некомпатибилна

·     Разгледување на можноста за дислокација на постоечките капацитети според степенот на штета кој го предизвикуваат врз животната средина (несоодветен третман на отпадните води, штета врз амбиенталниот воздух, почвата итн.)

·     Разгледување на можноста за пренамена на постојните индустриски капацитети во намени од јавен карактер за дисперзија на централните јавни фукнции, главно во градски четврти со домување, нивно прогласување за културно наследство.

·      Изработка на хидролошки студии за речните сливови во ГУП и нивни водотеци (Вардар, Лепенец, Серава и Пчиња), прочистителни станици и заштитни појаси за намалување на штетите од испуштање на нуспроизводот при производството.

·    Утврдување на минимумот на зелени заштитни појаси околу индустриски зони кои се во близина на Градските Четврти, со доминантно основна класа на намена А, нивно континуирано зголемување и реализација во нови зелени оази на градот.

·       Инволвирање на Центарот за јавно здравје и Институтот за психологија при изработката на ГУП за утврдување на урбани области со ризик за живеење и нивно етапно оптимизирање за да се минимизираат штетите од ваквите влијанија врз популацијата.

·     Трансформација на нереализираните опфати во ГУП со намена Г во Е за можност за донесување на ДУПови со намена за фотоволтаични електрани.

·      Да не се возможни изработки на урбанистички проекти вон опфат за индустрии во тактилна зона на ГУП без притоа да бидат вклучени во постапката сите засегнати чинители.

           Одамна треба да се напушти моделот на имплементирање на тешката индустрија во градовите, особено ако не е тенденцијата на градот да ги манифестира и акцентира општествените разлики и централизираното развивање на градот, преку појава на енвироментален расизам. Наместо да ги девастира централните градски ткива, нужно е да го искористи нивниот адаптабилен потенцијал за пренамена во содржини од јавен карактер кој не само би ја зголемил вредноста на станбените зони кои го опкружуваат туку и би ја иницирал физичката активност и мобилноста во урбаните блокови, доколку секако намерата на новиот ГУП гравитира околу начелата за создавање на еден здрав град и нација, а не слепо инвентаризирање на и онака хаотичната градба и констатирање на катастрофалното непланирање на просторот.  Можеби целта лежи во почитување на хронологијата на наслојување на претходните ГУПови, но не и строго задржување доколку модерните текови на живеење диктираат поинакви потреби кај популацијата.

Предизвикот кој сега му се наметнува на Скопје како и на останатите градски ткива опфатени со фрагментација, и социјална неправда е при иден развој на урбаните јадра,  да се стремат кон подобрување на стандардите и квалитетот на живот, без притоа да се нарушат карактерот и симболизмот на урбаните пејзажи.  Преку ограничување на индустријата и нејзина итна преселба во некој поветувачки југ на заборавот. Зошто само така, ова општество ќе чекори кон подобрување на квалитетот на животот и обезбедување еколошка правда, зачувувајќи ги ресурсите за идните генерации.

Leave a Reply